Жители на Сарај пријавиле два случаи на слична измама

Министерството за внатрешни работи информираше дека во текот на вчерашниот ден двајца жители на Сарај пријавиле измама на сличен начин. 

Според информациите од полицијата првиот настан е пријавен во 15.00 часот кога во Полициската станица Сарај, 37-годишен жител на скопско село пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 300 евра. Според пријавеното, лицето се претставило дека е од тетовско и од него побарало да му направи ограда. Како што е пријавено, откако се договориле лицето побарало од него кога ќе тргне да земе мерки да застане кај еден објект, да земе и плати еден пакет со делови, а откако ќе се видат ќе му ги врати парите и ќе му даде аванс. Кога пристигнал во тетовско, според пријавеното, лицето не било достапно, по што сфатил дека е измамен. 

Вториот настан е пријавен во 19 часот кога во во СВР Скопје, 24-годишен жител на село од општина Сарај пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 300 евра. Според пријавеното, лицето побарало од него и се договориле да му изврши градежни работи кај него во с.Блаце, скопско. Како што е пријавено, тие се договориле веднаш да земе мерки, но прво да земе и плати еден пакет со делови, а откако ќе се видат ќе му ги врати парите и ќе му даде аванс. Подоцна, според пријавеното, кога пристигнал во селото, лицето било недостапно, по што сфатил дека е измамен. 

Полицијата презема мерки за расчистување на двата настани.