Жители на Ново Маало: Лажните борци за екологија да не помислуваат на суспензија за „Холидеј Ин“

Ние граѓаните на Ново Маало им порачуваме на лажните борци за екологијата од „Зелен хуман град” и „Шанса за Центар” да не помислуваат да ја повикуваат Општина Центар за суспензија на ДУП-от кај „Холидеј Ин“, се вели во соопштението на жители на Ново Маало.

„Доста ни е од манипуланти и самопрогласени борци за екологија кои со целосно уредени животи, изградени куќи и станови се борат за паркингот на кој нема ништо друго освен распукан бетон, многу прашина и нашите распаднати куќи кои 70 години не можеме да ги поправиме“, реагираат жителите.

Тие потсетуваат дека Министерството за транспорт и врски веќе еднаш се изјасни за инцијативата за суспензија како неоснована и порачуваме да се престане со опструкциите.

„Ги повикуваме да престанат да држат непотребни прес-конференции кои не се ништо друго освен за нивна политичка промоција. „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ се во Советот на општината и како претставници на институциите тие треба да ни служат нам, а не да нè замајуваат 70 години“, се вели во соопштението. 

Тие и порачуваат на Општина Центар да не подлегнува на притисоците од овие лажни групи бидејќи нема да прифатат никаква присилна суспензија.

„Предупредуваме и на Советот на општината, и на градоначалникот и на сите други институции на кои тие се повикуваат дека остро ќе протестираме и ќе се спротивставиме ако било што се запре. Од ова нема да отстапиме!“, реагираат жителите на Ново Маало.