Жесток и емотивен -"Папагалот Историко" премиерно во Драмски

"Папагалот Историко", во режија на Љубиша Георгиевски, в сабота (20 часот) премиерно ќе биде одржана на сцената на Драмскиот театар од Скопје.

Како што истакна авторот на драматизацијата Сашко Насев, се работи за жесток театар, претстава која што ја рефлектира идејата и вечната тема, поединецот во општеството.

Во претставата, драматизација на романот "Монументи на глупоста" од Љубиша Георгиевски, играат Владо Јовановски, кој го толкува главниот лик, Благица Димитровска, Калина Наумовска, Дамјан Цветановски, Ѓорги Тодоровски, како и тројца млади актери од ФДУ Томислав Давидовски, Исмет Шабановиќ и Кристијан Танчевски.

"Претставата е жесток, суров театар, базиран на основното естетичко изразно средство во театарот - актерот. Романот "Монументи на глупоста" нема класична инфраструктура, туку е повеќе филозофски трактат кој е многу тешко да се драматизира и затоа оставивме да функционираат ликовите и елементите на заплетот. Се работи за една гола театарска форма, без елементи на зачудност од типот на големи сценографии, стравични музики... Напротив, се работи за една чиста, суперангажирана претстава во која актерите се на сцена многу блиску до публиката, дури и во интеракција со неа. Тоа е еден многу тежок театар", вели Насев. Тој додаде и дека младите актери се сигурна иднина на ДТС и на македонскиот театар.

"Ако не можеме да извезуваме суперсонични авиони во светот, имаме да извезуваме суперсонични артисти во светот".

Режисерот Љубиша Георгиевски, пак, истакна "Една претстава или говори самата за себе или не говори самата за себе". Тој истовремено ја коментираше застапеноста на театарот во медиумите.
"Има изразита незаинтересираност кај медиумите за театарот, но театарот преживеал поголеми незаинтересираности, преживеал поголеми катаклизми и поголеми забрани", рече Георгиевски додавајќи "Ако игра мечка во Скопје, сите ќе дотрчаат, нарочито ако се организира фестивал "мечкијада".