
Со изведување докази од страна на Јавното обвинителство денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
При изведувањето на материјалните докази од увидот на лице место во опожарениот објект беше кажано дека бил пронајден изгорен ресивер за активирање на пиротехнички уред, како и црн ранец марка „најк џордан“ во кој се наоѓале пластично куферче со два ресивера за активирање на пиротехничките средства, батерија од девет волти марка „филипс“ и кеса со неискористено пиротехничко средство.
Во рамките на доказната постапка, пред Судот беше прикажан фотоалбум составен од 92 фотографии, кои детално ја прикажуваат затекнатата состојба на местото на настанот. На фотографиите направени при увидот, се гледа внатрешноста на опожарениот објект, поставеноста на бината, димензиите на вратите и решетките на малите прозорци од тоалетите.
Застапникот на Јавното обвинителство ги образложи наодите од увидот, посочувајќи на конкретни предмети пронајдени во објектот и на ограничувачките услови за движење и евакуација. Биле пронајдени и три празни противпожарни апарати.
Тој посочи дека растојанието од бината до плафонот изнесувало само 2,7 метри, додека спецификацијата на неоштетената пиротехничка фонтана предвидувала домет на прскање поголем од таа висина.
Објектот бил обложен со стиропор, первол, дрвени елементи и гипс-картон што придонеле за брзо ширење на пожарот. Исто така, беше кажано дека во објектот имало сунѓер набавен во 2012 година. Вештачењето покажало дека сунѓерот при согорување создавал „жешки капки“, чии траги биле пронајдени и врз облеката на жртвите, вклучително и на јакната на пејачот на групата ДНК, Андреја Ѓорѓиевски.
Обвинителот ги опиша ограничувачките и небезбедни услови кои го спречиле брзото напуштање на објектот, како странична врата без квака и со заклучена брава, метални алки и катанец во заклучена положба, и решетки на малите прозорци во тоалетите.
„Пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК“, рече застапникот на обвинението.
Изведувањето на овие материјални докази доаѓа по тензичниот вовед на денешното рочиште, на кое адвокатите на одбраната отворено го оспорија вештачењето на Институтот за судска медицина.