Жените доминираат во образованието, здравството, социјалата, финансиите и во текстилната индустрија

Здравствената и социјалната заштита, образованите, финансиките дејности, дејностите за осигурување, како и текстилната се секторите во кои доминатно се вработени жени.

Нивната прецизност и упорност, но и родовиот предзнак се пресудни за изборот на професиите и дејностите во кои тие доминираат како вработени.

Статистичките податоци покажуваат дека 75,5 проценти од вработените се жени во дејностите на здравствена и социјална заштита, во образование 58,7 проценти, во финансиските дејности и дејности за осигурување 62,2 проценти. Податоците покажуваат дека повеќе се вработени, односно 58 проценти жените и во дејностите на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разноводна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби.

Не се присутни или воопшто ги нема како вработени во рудрство и вадење камен,  но и во градежниот сектор.

– Ваквата состојба се должи на самата карактеристика на работни места во тие сектори. Најдрастично е, да речеме, градежниот сектор каде што доминираат мажи затоа што се работи за тешки физички работи, додека, пак, во конфекциите, во текстилната индустрија доминираат жени затоа што таму се работи за прецизен мануелен труд каде што мажите потешко се снаоѓаат. Така што, и да се вработат мажи во текстилна индустрија тие работат на работни места каде што не се бара голема прецизност затоа што жените е докажано дека се многу попрецизни за ситни зафати со раце отколку што тоа го прават мажите, изјави претседателот на Организација на работодавачи на Македонија Ангел Димитров за МИА.

 Додава дека порано над 90 проценти од вработени во текстилната индустријата беа жени, но оти сега со промена на пазарот на труд се вработуваат и мажи на работно место позиционер или шивач со тоа што мажите се вработуваат на работни места како шиење копчиња, шиење дупчиња, во кројачница каде што, како што потенцира, не се бара толку прецизен труд, не се бара таква прецизност како што е во шиењето на одредени операции каде што жените се покажале како подобри.

– Потенцира дека во една иста индустрија може да има работни места каде што се бара малку поголема прецизност на работни места каде што треба упорност, вештини и друго, но не таква прецизност каде што жените се подобри.

Во овие сектори работат на 61 илјада жени, а најмогу 29.531 се во здравствената и социјалната заштита, 24.988 во образование, 6.800 во финансиска и осигурителна дејност.

Според Даниела Димитриевска од Македонско женско лоби жените се присутни во овие сектори како резултат на родовиот предзнак.

– Уште кога се раѓаме го носиме тоа што не предодредува како жени, а за што се мажите и тоа најчесто се негува и во семејството. Тоа не значи дека жените не се способни за други професии, но значи дека е однапред определено дека жените се најмногу способни да се грижат за деца, да бидат негователки, да бидат со некое работно време кое што бара стриктно заминување во 15 или 16 часот, да не флуктуира работното време затоа што дома ги чека друга работа. И затоа жените најчесто ги имате во болниците каде што се пружа нега, најчесто ги имате на местата каде што се учителки, воспитувачки, негователки во старски домови, на места каде што  работното време е фиксно, а многу малку ги имате на инженерските позиции, бидејќи од самото растење кога децата растат на девојчињата им се даваат кукли да ги облекуваат и соблекуваат, а за машките има најразличен вид на лего каде што ќе работат и креираат и се смета дека се вешти со раце, со машини, а за тоа уште од детство се насочуваат, истакнува Димитриевска.

Додава дека и во образованието поголема отворена врата  кон техничките професии им се дава на машките отколку на женските деца со оглед на тоа дека и во семејствата им викаат – ама ајде ќе треба да бидеш по осум часа во објекти, ќе треба да носиш чизми, не можеш да облечеш хулахопки, штикли

Оценува дека тоа се елементи што се предуслов во голема мера како жените ги избираат професиите и не случајно се помалку платени професии.

Димитриевска истакнува дека жените не се многу присутни и во ИТ секторот бидејќи со новините малку потешко им оди од едноставна причина што не знаат како се одвива таа работа.

Во областа на информациите и комуникациите според статистичките податоци 36,9 проценти се жени или од вкупно 13.600 вработени жени се 5.022.

Во Република Македонија вкупното активно население брои 954.212 од тоа жени се 371.439, од кои, пак, вработени се 290.387.