Жена за Претседател на државата: Бура од коментари и нови шпекулации за имиња

Вчерашната објава на Скопје Инфо дека постои голема веројатноста идниот Претседател на државата да биде жена создаде бура од коментари помеѓу корисниците на социјалните мрежи, но ги разгоре и куларските муабети. Дел од нив ја коментираа идејата жена да биде прв човек на државата, дел лицитираа со имиња за тоа кој треба да влезе во Вилата на Водно.

Паралелно со ова во градските кулурари се повеќе се зборува за имињата на луѓето зад кои ќе застанат поголемите партии. Добро упатени извори за Скопје Инфо велат дека голема е веројатноста владејачката партија да ја кандидира Вилма Трајковска - сопруга на починатиот Претседател Борис Трајковски, додека опозициската партија веројатно ќе застане зад Гордана Силјановска како кандидат за оваа позиција.  Гордана Силјановска изминатиот период е актуелна по цврстите ставови во одбрана на уставното име на Република Македонија.

И додека партиите лицитираат со имиња граѓаните на социјалните мрежи сметаат дека добар кандидат за оваа позиција е Фатиме Фетаи која изминатиот период е актуелна како дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство.  Во помал број, но голем дел од граѓаните сметаат добар предлог за оваа позиција се Рената Десковска и Иванка Додовска.

Од коментарите на социјалните мрежи како најинтересен го извдојуваме тој на Гордана која вели: Не е важно дали ќе биде маж или жена. Сите имаат иста цел, а тоа е да го наполнат џебот.

Понатаму Устинијана Речкоска напиша: Убава идеја, но има Успешни Жени во Република Македонија на кои треба да се помисли и реализира за ова, не само овие некои си наведени имиња...Критериуми за Квалитет, Чесност, Достигнувања, Морал, Патриотизам, Професионализам, Лидерски Дух со кој Сите ќе се гордеат! Сите имаат право на овој чекор и мандат подеднакво! И Сите имаат право на Лидери за гордост и радост во Република Македонија! Доста ни е на сите од политики, глуми, политички опции, делење, парчење итн.

Горан Трпевски беше подиректен и напиша дека џабе ни се Претседатели кога веќе ја изгубивме државата. Александар Божиновски додаде дека медиокритетите се тие што одлучуваат и дека народот никој не го прашува.

Претседателскиот избори, шести по ред треба да се одржат на пролет, следната година.