Жена, мајка, архитект: Запознајте ја првата оџачарка од Скопје

Кога жена оџачар ќе дојде да го исчисти оџакот првите реакции се зачуденост и недоверба. Скоро секојдневно со такви ситуации се соочува и Јасмина Атанасова - Симјановска, дипломиран архитект , првиот дипломиран оџачар и засега единствената жена во оваа професија во Македонија.

Како жена оџачар имам интересни случувања во стилот што бара жена на кров, како тоа дошла жена, како тоа оџачарка? Прашуваат нели треба оџачарите да бидат мажи, но луѓето ќе се навикнат, вели Јасмина Атанасова Симјановска – дипломиран архитект и прва оџачарка во Македонија.

Јасмина Атанасова  Симјановска  работи како професор во средното училиште Здравко Цвветковски во Скопје, а при посетата на училиште во Хрватска се одлучила на уште една професија и тоа токму за  оџачарството. Вели  ако кај нас е малку чудно,  во блиското соседство и во светот е нормално и жените да бидат оџачари и додава дека физичките предиспозиции не се предуслов за професионалноста, туку техниките и доброто познавање на целиот систем за греење.

,,Не е физички тешка работа која што жена поради физичките предиспозиции не би можела да ја работи. Напротив,  стручноста на еден оџачар не е во неговата физичка сила, туку во неговите квалификации, во неговите компетенции и во неговото знаење. Оџачарот мора да ги има сите стручни квалификации кои се потребни, треба да ги познава оџачарските и вентилационите системи, треба да го познава алатот и да знае да ракува со него, да ги познава инструментите кои што служат за мерење на отпадните гасови, додава Атанасова Симјановска.

Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија пред извесно време спроведе обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица.

Кандидатите за времетраењето на обуката ќе добиваат надомест од 9.000 денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно  вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот.