Жбогар и Жерновски: Чекориме заедно со младите европјани

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, вечерва се обратија на завршната церемонија на Младинскиот самит Скопје, што се оддржа во Младинскиот културен центар од 3 до 5 декември и на кој учествуваа 200 млади активисти за човекови права, претставници од граѓанскиот сектор, артисти и млади политичари од Северна Македонија, Турција, Србија, БиХ, Хрватска, Косово, Словачка, Романија.

Жерновски и Жбогар го оценија Самитот како  клучен младински настан во регионот и одлична можност да се промовира демократското единство кое го зајакнува про-демократскиот дискурс и убедувања меѓу младите во Западен Балкан и пошироко, дозволувајќи им да се поврзат, да учат едни од други, стекнувајќи поголемо разбирање за политичките движења и граѓанското општество низ светот, соопшти МНР.

– За мене, младите се синоним на енергија, ентузијазам и иновации, секогаш подготвени да дојдат до нови решенија за предизвиците со кои се соочуваат, истакна Жерновски.

Искажувајќи благодарност за нивните заложби за одржување на европските вредности и за спроведување на принципите на Европската унија, Жбогар и Жерновски нагласија дека Декларацијата што ја усвоија учесниците на Младинскиот самит го потврдува зрелиот пристап на младите кон темите за интеграција, европеизација и зачувување на глобалниот мир и просперитет. Според нив, тоа е и доказ дека младите се целосно ангажирани за нивната иднина, која ќе биде зачувана само ако со заеднички напори се обезбедат демократски општества засновани на мир, слобода, правда и почитување на човековите права.

Жерновски ги нагласи визиите, заложбите и чекорите на Владата, насочени кон Европската Унија и нејзините вредности, а со тоа и кон подобрување на животот на граѓаните во еден слободен и демократски политички амбиент.

– Секогаш упатуваме јасни пораки дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Ние немаме друга алтернатива освен подобар живот за граѓаните, а сите знаеме дека евроатлантските интеграции одат паралелно и заедно со реформите, со унапредувањето на сервисите за граѓаните и со економскиот раст. Во исто време, ниту едно искушение или предизвик не може да не оттргне од европските вредности како што се солидарноста, еднаквоста и правичноста, порача Жерновски.