Жан Мишел Жар доаѓа во Скопје!

Французинот Жан Мишел Жар, легенда и пионер на електронската музика на 13 ноември во ВИП арената „Борис Трајковски“ ќе го отвори 18 по ред издание на фестивалот Таксират во Скопје.

Во својата долга 40-годишна кариера, револуционерниот француски уметник првпат настапува во Македонија, како дел од големата светска турнеја што ќе биде своевидно заокружување односно круна на проектот „Електроника“ – албум во два тома, првиот издаден лани, вториот годинава.

Во неговото создавање учествуваа музички величини како: Пит Таузенд, Моби, Масив Атак, Тенџерин Дрим, Лори Андерсон, Синди Лопер, Ер, Гери Њуман, Пет Шоп Бојс, Прајмл Скрим, Орб и многу други, како и одметнатиот американски разузнавач Едвард Сноуден. Како што е најавено, покрај новите композиции, посетителите ќе имаат прилика да се потсетат и на старите фаворити од неговите класики „Оксижен“ и „Еквинокс“, а сето тоа придружено со незаборавно аудио-визуелно доживување преку совршениот спој на многубројните сценски ефекти што ја интегрираат најновата технологија на звук и светло.