Зголемување на органското производство, голем пад кај индустриските култури

Органското производство минатата година во однос на 2018-та бележи раст кај житните култури за 11,15 отсто, кај лозовите насади за 40,32 отсто, на зеленчукот за 1,07 отсто и на овошјето за 32,9 проценти, но евидентира и огромен пад од 82,67 проценти кај индустриските култури, како и намалување за 31,88 проценти на фуражот.

Како што покажува последниот извештај на Државниот завод за статистика, од органските житни култури, пченицата е намалена од 17,79 отсто на 16,89, р’жта од 1,64 на 1,56 отсто, а јачменот од 62,21 отсто на 53,43 проценти. Површините под органска пченка, пак, се зголемени од 6,56 отсто на 9,78. Раст има и кај овесот од 8,52 отсто на 12,95, како и кај другите жита од 3,29 на 5,38 отсто.

Падот на површините под органски индустриски култури доминира во сегментот ароматични, медицински и зачински растенија кои во 2018 година биле застапени со 99,76 отсто, а во 2019 година со 80,26 проценти. Пораст бележи сончогледот, од 0,16 отсто во 2018-ма на 18,71 процент во 2019 година.

Кај фуражните култури, застапеноста на луцерката е зголемена од 53,89 отсто во 2018 година на 91,01 отсто лани, додека добиточниот грашок од 1,06 проценти во 2018-та е застапен на 5,99 проценти во 2019-та. Другите фуражни култури бележат пад, од 44,72 отсто во 2018 година на 2,93 проценти лани.

Површините на органски зеленчук се зголемени за 1,07 отсто. Двојно намалени се органските пиперки, од 2,30 отсто на 1,22 процента, како и дињите, од 5,02 процента на 2,52 отсто. Другите видови зеленчук, вкупно, бележат раст од 92,68 отсто на 96,25 проценти.

Површините под органско овошје, пак, се зголемени за 32,90. Притоа, пад има кај јаболката, крушата, праската, вишната и кајсијата, додека раст се бележи кај сливата, црешата и бобинките. Зголемување има и кај оревите и бадемите, а лешниците бележат намалување.

Под органско грозје во 2018 година биле 11 хектари, а во 2019 година се евидентирани 15 хектари.

Според статистиката, органското одгледување/производство на добиток бележи раст од 7,74 отсто кај овци и 30,03 проценти кај говеда, додека кај кози има намалување за 33,34 отсто. Во 2018-та имало 3.526 органски говеда, 57.936 овци и 5.036 кози, додека лани 4.585 говеда, 62.420 овци и 3.357 кози.

За статистичките показатели, Државниот завод користел податоци од Министерството за земјоделство.