Зголемено производството на месо, јајца и кравјо млеко

Производството на месо, јајца и на кравјо млеко минатата година било поголемо во однос на 2019-та, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Зголемен е и бројот на говеда, свињи, кози и живина.

Статистика бележи намалување на бројот на овците, како и на производството на волна, овчо и козјо млеко.

-Вкупното производство на месо е зголемено за 5,1 отсто. Производството на кравјо млеко во 2020 година изнесува 405 217 000 литри што е за 3,7 отсто повеќе во однос на 2019 година. Намалување е забележано кај овчото млеко за 23,3 отсто и кај козјото за 7,7 проценти. Од другите добиточни производи, во 2020 во однос на 2019 година, забележано е зголемено производство на јајца и намалено производство на волна, наведува Државниот завод за статистика.

Според податоците, вкупниот број говеда лани бил зголемен за два процента во однос на 2019-та или кај индивидуалните земјоделски стопанства за 1,1 отсто, а кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) за 37 проценти.

Бројот на свињите кај деловните субјекти во 2020 година, во споредба со 2019 година е зголемен за 67,8 отсто, а кај индивидуалните земјоделски стопанства за 8,5 отсто.

Бројот на живината е зголемен за 5,2 отсто, а бројот на козите за 8,5 проценти, додека бројот на овците е намален – кај индивидуалните земјоделски стопанства за 7,3 отсто, а кај деловните субјекти за 47 проценти.