Зголемени цени, но и еден нов дополнителен трошок за туристите кои летуваат во Грција

Повисоки цени за сместување, поскапи производи во маркетите и пазарите, на храната и на пијачките на плажите. Македонците кои ова лето ќе летуваат во соседна Грција ќе се соочат со повисоки цени на производите и услугите, но и со уште еден трошок кој досега го немаа.

Сопствениците и менаџерите на плажите во Грција од оваа година наплаќаат за безжичниот интернет кој се користи на плажите. Цената се движи од 1 до 3 евра по лице и истата се однесува само за еден корисник, односно за еден уред во текот на еден ден престој на плажа.

До редакцијата на Скопје Инфо пристигна фотографија направена од Горан од Скопје на една од плажите и на која се гледа дека безжичниот интернет се наплаќа. Горан вели дека за неговиот неколкудневен престој во Грција, на првиот крак посетил неколку плажи и на секоја од нив оваа интернетот се наплаќал.

- Не станува збор за голем износ, но дефинитивно е дополнителен трошок со кој до сега не сме се соочиле. Кога ќе се направи математика на сите покачувања на цени, вкупниот трошок за летување е значително поголем од минатата, а особено од годините пред пандемијата, вели тој во кратка изјава за Скопје Инфо.