Зголемена финансиската помош за новороденче во Гази Баба: За секое бебе по 8.000 денари

Од почетокот на оваа календарска година секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8000 денари.

- Раѓањето на дете е најголемата радост, најголемата надеж и најсилната порака за иднината. Токму затоа, како локална самоуправа имаме обврска да бидеме поддршка на секое семејство во овој најважен животен момент. Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8000 денари, порача градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски. 

- Ова не е само бројка. Ова е порака. Порака дека општината стои зад младите брачни парови, зад мајките и татковците, зад секое ново дете кое се раѓа во Гази Баба, додава тој. 

Според Стефковски, со ваквите мерки директно придонесуваат за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот. Повеќе дечиња значи повеќе смеа во градинките, повеќе ученици во училиштата и посилна, пожива општина.