Зголемен процентот на позитивни случаи од вкупниот број направени тестови, се прави анализа на причините

Изминативе три дена е зголемен процентот на позитивни случаи на Ковид-19 од вкупниот број на направени тестови. Според министерот за здравство Венко Филипче имавме тренд на опаѓање од 10 проценти, стигнавме донекаде 6,5, а сега е околу осум.

Министерот вчера информира дека деновиве се прават анализи за зголемениот процент на позитивни случаи што ќе продолжи и викендов. Таа анализа, според него, ќе заврши најверојатно во понеделник или во следните први денови од неделата и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.

– Секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитувани. Мора сите да сфатат дека така ќе живееме и само така ќе се заштитиме. Само со придржување до превентивните мерки можеме да излеземе од кризата, нагласи вчера Филипче.

Во однос на барањето на родителите на деца до шест години министерот рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство, практично шест месеци.

-Ги укажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и понатаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките развиени е алгоритми како и што се поставува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата, рече министерот.

Во меѓувреме директорот на струмичката градинка, Васил Бубев изјави дека уште две деца од градинката од истата група од која е првото, се позитивни на Ковид-19.

-Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на Ковид- 19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски, изјави директорот Бубев. Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се во изолација.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 140 нови случаи на Ковид-19. Најмногу во Скопје-47, по што следуваат Куманово со 18 и Тетово со 15. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.

Во Прилеп има седум нови случаи, во Кочани-пет, Гевгелија, Струмица и Радовиш по четири, Штип, Струга, Велес, Битола, Гостивар, Берово и Свети Николе по три, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Делчево, Кичево и Ресен по двајца, и во Охрид, Крушево и Македонски Брод по еден случај.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 60 оздравени пациенти од кои во Скопје-25, Куманово-девет, Кочани-шест, Штип, Струга, Пехчево по три, Прилеп, Охрид, Кавадарци и Кичево по двајца, Крива Паланка, Берово и Делчево по еден оздравен пациент.

Починаа шест лица – тројца пациенти се од Скопје на 84, 73 и 74 години, двајца од Тетово на 68 и 55 години и еден пациент од Струга на 62-годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 78 пациенти. На кислородна поддршка се 43 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на Ковид-19, пет деца и пет мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 31 пациент. На респираторна машина е еден пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 22, а во болницата во Штип се хоспитализирани 43 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 160, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 16 557, бројката на оздравени пациенти е 13 792, на починати е 689. Во моментов активни се 2076 активни случаи.