Зголемен бројот на пожари во урбаните средини

Бројот на пожари во урбаните средини е зголемен, а има намалување на бројот на пожари на отворен простор во споредба со минатите години. За првите три месеци од годинава имаме 500 интервенции на гасење пожар и ако се задржи овој тренд може да очекуваме драстично зголемување на бројот на интервенции, вели Звонко Томески, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во интервју за МИА.

– Бројот на пожари минатата година се движеше во рамките на годишните просеци кои ги имаме евидентирано во минатото. Па така, во текот на 2016 година единицата интервенираше на 1.117 интервенции на гаснење на пожар и 121 техничка интервенција со што се спречени големи директни и индиректни материјални штети, а се спречени и последици по животот на граѓаните на градот Скопје. Споредено со претходните години, иако годишниот просек на бројот на интервенции е задржан, разликата е во тоа што во 2016 година имавме зголемен број на интервенции во урбана средина, односно пожари на објекти, а намалување на бројот на пожари на отворен простор, што, пак, значи дека единицата имала зголемен број на многу потешки интервенции кои биле во урбана средина, истакнува Томески.

Според него, добредојдени се кампањите за подигнување на свеста кај населението, но неопходно е и ригорозно спроведување на законските мерки и прописи за заштита од пожари, особено во објектите за колективно домување и во јавните објекти.

Во интервјуто, Томески говори и за доекипирањето на Бригадата за противпожарна заштита со нови пожарникари и со опрема, за изградбата на нови пунктови, како и за тоа што треба да сторат граѓаните во случај на пожар.

– Она што е неопходно да го направат граѓаните е веднаш без да губат драгоцено време да ја алармираат нашата единица на телефонскиот број 193, да пробаат да го изгаснат огнот во рамки на своите можности, притоа нормално водејќи сметка за својата безбедност, се додека не пристигне екипата на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која ќе продолжи со интервенцијата или со неопходна проверка на состојбата, нагласува Томески во интервју за МИА.