Песната, поезијата и спомените за Македонија беа во центарот на културно-музичката програма со која во Скопје се одбележуваат 35 години од независноста на државата.

Еден од впечатливите моменти беше изведбата на „Земјо македонска“, песна која во македонската музичка историја остана особено препознатлива по интерпретацијата на легендарната народна пејачка Васка Илиева.
Илиева, една од најзначајните фигури во македонската народна музика, со својот специфичен глас остави трага врз македонската музичка традиција. „Земјо македонска“ е една од песните што се поврзуваат со нејзиниот музички опус и со периодот кога народната песна имаше особено силно место во културниот живот. Се пееше и „Ако умрам ил загинам“ на Јонче Христовски, Бисер балкански на Гоце Николовски, Македонско девојче во изведба на Зуица Лазова, Црно тиквешко во чест на скоро починатиот Владо Јаневски.

Во продолжение на програмата, Македонија беше претставена и преку стиховите на нејзините поети. Беа интерпретирани стихови од Анте Поповски, меѓу кои и стихот:
„Еве ја таа проста земја од дволичен камен и сонце.“
Своето место во програмата најде и поезијата на Гане Тодоровски, со стихови од неговата „Нашинска“.
Така, музиката и поезијата се споија во приказна за Македонија – не само како држава одбележана со три и пол децении независност, туку и како културен простор создаван низ песните, стиховите и гласовите на генерации македонски автори и изведувачи.
Настапија Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Пајак и Лара, Димитар Андоновски, Бојана Скендеровски, Елена Ристевска, Елвир Мекиќ и Јован Јованов, Ареа, Дани Димитровска и многу други македонски уметници.