Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија –ЗЕЛС го осудува вооружениот напад на градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, што се случи вчера на подрачјето на оваа општина, велат во соопштението од ЗЕЛС.
Од ЗЕЛС велат дека сите градоначалници упатуваат жалење и до семејствата на вработените во општината кои во моментот на грозниот чин биле во придружба на градоначалникот и им посакуваме брзо закрепнување.
„Ова не е прв пат во нашата земја да се посегне по животот на градоначалник, токму при извршувањето на неговите работни обврски. Затоа бараме надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори. Уште еднаш, остро ја осудуваме оваа насилна практика на изразување на незадоволство од работата на градоначалникот и бараме да ни се дозволи своите надлежности да ги спроведуваме низ институционални постапки и процеси“ се додава во соопштението
Од ЗЕЛС додаваат дека остануваат доследни на заложбите за продлабочување на процесот на децентрализацијата во Македонија и спроведување на нови надлежности од страна на единиците на локалната самоуправа што ќе се извршуваат низ законски утврдени процеси и на транспарентен начин, со поддршка и во интерес на граѓаните.