Зелениот картон во Македонија е најевтин во регионот - за еден месец чини 30 евра, а за една година 60 евра

Ако за време на годишниот одмор планирате да патувате преку граница, со соптсвен автомобил итно ви е потребен зелен картон. Зелениот картон се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветната компанија.

Овој документ е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји-членки наведени во полисата.

Во Македонија цената на овој документ со важност од еден месец чини 30 евра, а за една година 60 евра. Ако го отворите официјалниот сајт на Станиците за технички преглед на АМСМ тогаш ќе видите дека конкретно цената на зелениот картон на патничко возило до 66 киловати (KW) на годишно ниво изнесува 3.690 денари, а за над 66 KW за една година е 5.536 денари.

Цена за патничко возило до 66 KW за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KW е 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, моторциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари.

Цената за товарните возила и автобусите е 17.222 денари.

Македонските осигурителни компании годишно издаваат од 100.000 до 130.000 зелени осигурителни картони. Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покриваат евентуалните штети кои ќе се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство односно во земјите членки на системот на зелена карта.

Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето со просечна цена од 89 евра, зелениот картон во Македонија е најевтин во регионот, бидејќи просечната цена на зелениот картон во Србија е 110 евра, во Босна и Херцеговина 147 евра, во Црна Гора 150, а во Албанија 135 евра. Во Бугарија, која е членка на ЕУ цената е либерализирана и картонот во просек чини 125 евра.

Во Македонија цената на картонот ја одредува Комисија за автоодговорност при Министерството за финансии.