Зеленилото на Водно ќе се уништува, скапо било да се премести гасоводот

Прескапо би било гасоводот кој го сече сртот на Водно и уништува дел од зеленилото да се премести надвор од парк-шумата. Ова е генералниот став и на инвеститорот АД „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) и на проектантите на гасоводот до кој дојде „Макфакс“. За да се намалат штетите што би се направиле на шумата, и МЕР и проектантите предлагаат намалување на ширината на трасата.

За да одговори на лавината обвинувања за нов масакр на белите дробови на градот, како што скопјани го доживуваат Водно, Владата минатата недела усвои заклучок со кој ги обврза Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и АД „Македонски енергетски ресурси“ во најкраток можен рок да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и во најкус можен рок да продолжи изградбата.

Град Скопје во чија надлежност е парк-шумата Водно и од каде што се очекува најголема грижа за секој милиметар зеленило, административно одговара на прашањата какво решение ќе понуди за проблемот – гасовод на Водно.

„Град Скопје е вклучен во владината работна група и за сите детали треба да се обратите до Владата на Република Македонија, како и за документите што се донесени на државно ниво во функција на реализација на овој проект“, велат од Град Скопје, без да откријат што конкретно тие ќе понудат.

Иницијатива за заштита на зеленилото во оваа фаза од разгледувањето на проблемот нема ниту Министерството за транспорт и врски.

„Во однос на гасоводот, ве информираме дека ќе се направи сеопфатна анализа и во согласност со дадените резултати, ќе се одлучи кое е најсоодветно и најдобро решение“, е одговорот од Министерството за транспорт и врски на прашањето како ќе ги усогласат барањата на скопјани гасоводот да се симне од Водно каде што се веќе почнати активности за негова изградба.

За разлика од нив, инвеститорот на гасоводот, АД „Македонски енергетски ресурси“, веќе е извесно што ќе предложи за надминување на проблемот. Бајрам Реџепи, новиот директор на претпријатието, смета дека менување на трасата е прескапо.

„Според сите досега направени анализи (одобрение за градба, решени експропријации, договор со изведувачи, договор за заем со Дојче банк и Ерсте банк, нов прокет, ново одобрение за градба, скапи експропријации…), смената на трасата би ја одложила реализацијата на проектот за пет години и со многу финансиски импликации. Еколошката и финансиската штета, при одлагање на проектот, за целиот регион каде што се носи гасот, ќе биде со непроценлива вредност“, смета директорот Реџепи.

Тој смета дека изградбата на гасоводот треба да продолжи по истата траса, по сртот на Водно, но со мали измени, кои ќе ги понуди како решение на работното тело формирано за надминување на сегашната состојба.

„Иако трасата на гасоводот поминува низ предел кој во најголемиот дел не е пошумен, за да се избегнат и да се минимизираат еколошките влијанија, нашиот предлог е во оваа делница да се намали ширината на трасата за 60 отсто“, вели директорот Реџепи.

Ист став има и друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар партнерс“, кое го изработило проектот за гасоводот што минува низ Водно. Главниот проектант Лазо Чакаровски вели дека проектот го изработиле по нарачка на Министерството за транспорт и врски, а во однос на проектната задача проектантите немале никакви насоки ниту, пак, посебни сугестии. Насоката за гасоводот да минува низ Водно, според него, ја дале правилата за проектирање гасоводи, техничките карактеристики што се применуваат за проектирање, околностите и ограничувањето на теренот, изборот на најпогодна траса за гасовод, која првенствено не треба да биде нападната и откриена од површинската дождовна вода и други критериуми.

Проектот го работеле повеќе од две години, со тоа што првин била подготвена студија со идеен проект, а потоа изработиле инфраструктурен и основен проект.

„Во идејниот проект е избрана најпогодната траса од Скопје до Гостивар, која поминува по сртот на средно високи планини. Гасоводот најбезбедно се води по сртови поради најмало нарушување на падински засеци и безбедна заштита од површинските води, кои може да предизвикаат ерозија или клизишта. Камо среќа од Скопје до Гостивар да беше цела траса преку сртови, меѓутоа имаме делови каде што ќе мора да се помине по неподобни терени како реки, населени места и обработливо земјиште“, објаснува главниот проектант Чакаровски.

Чакаровски вели дека на сртот на Водно имало 2-3 километри каде што трасата поминува низ засадена шума која не можела да се избегне, а во преостанатиот дел до Гостивар шумите биле во вид на шикари и ниски грмушки. Чакаровски смета дека оштетувањето на овие делови со должина од 2-3 километри и ширина од 15 метри е помала штета отколку трасата да се води од северната страна на градот Скопје.

Велосипедска патека и траса за противпожарни возила покрај гасоводот

Дополнително, појасот на кој би се изградил гасоводот Чакаровски предлага да се искористи за заштита од пожари и за велосипедска патека. Гасоводот би ја разграничил планината и би ја поделил шумата на две целини, со што би било спречено пренесување евентуален оган од едната на другата страна на планината.

„При изградба на магистрални гасоводи работниот појас изнесува 25 метри ширина. Во делот каде што има засадено шума ширината може да се намали на 15 метри. По таа ширина може да се обезбеди траса да се движат и возила за гаснење пожари. На тој начин може да се вршат интервенции во случај на потреба од врвот надолу. По ширината на појасот од природни материјали може да се изгради велосипедска патека за планински велосипедизам од Крстот на Водно до Матка во должина од 7,5 километри“, предлага Чакаровски.

Според него, измена на трасата на гасоводот за да се избегне парк-шумата е можна, но непотребна оти во тој случај не би се гледале другите негативни работи. Измената вели дека би ги одложила градежните работи за најмалку една година, во која би се правеле ново геодетско снимање, геотехнички истраги и проектирање по сите фази. Чакаровски нагласува дека најголем проблем при определување на трасата претставуваат безбедносните услови за човекот, животните и човековата околина, безбедносните услови за функционирање на гасоводот, одбегнување населени места доколку е можно, проблем се урбанистичките планови, изградените објекти без планска регулатива, гробишта, манастири, археолошки наоѓалишта, се одбегнуваат далноводи поради негативните влијанија, проблем се премините преку реки и сртови со големи косини, неподобни се терени со свлечишта, долови и ерозивни површини, се избегнуваат изградени површини, наоѓалишта за експлоатација на суровини и минерали, лозја, овоштарници, а не се одбегнуваат карпести терени, обработливи површини пасишта и шуми.

Од сите овие проблеми Чакаровски вели дека на Водно има приближно 2,5 километра шума, на одредени места има карпест терен и кај реката Треска дозволени наклони на кои изведувањето е предвидено со заштитни мерки.

МВР не дало согласност за гасоводот на Водно

Одобрението за градење на гасоводот Министерството за транспорт и врски го издало во декември 2016 година кога собрало долга низа согласности од општините низ кои минува гасоводот и ги известило сите засегнати институции. Согласност за изградбата на гасоводот не дало Министерството за внатрешни работи. Одделот граѓански работи, сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, агенции за обезбедување и детективска дејност не се изјаснил по барањето од инвеститорот. Во одобрението за градење на гасоводот стои дека во согласност со Законот за градењето неодговарањето на барањето се смета дека немаат забелешки и ако поради нивното непостапување во иднина настанат штети, обврската за надомест на штетата ќе биде на товар на МВР.

Забелешки се евидентирани од Националниот конзерваторски центар, кои укажале дека немаат комплетна и прецизна евиденција на археолошките локалитети и го обврзале инвеститорот МЕР, доколку во текот на градењето се појават археолошки локалитети, изведувањето да продолжи под археолошки надзор или привремено да се запрат работите и да се извршат заштитни ископувања.

За гасоводот има студија за животна средина издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање за која била организирана и јавна дебата во Град Скопје. Од Градот не кажаа дали имаат запис од дебатата за влијанието на гасоводот.

Пред да биде издадено одобрението за градење, во октомври 2016 МЕР склучил договор со Друштвото за градежништво и услуги „Рапид билд“ ДОО Куманово. Тоа во рок од 36 месеци се обврзало дека ќе го изгради магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар за 1.782.270.000,00 денари или околу 28,9 милиони евра.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, вели дека почнале со градежните активности на Водно оти имаат рокови.

„Според динамичниот план и владината програма, ние оваа година треба да завршиме 40 километри од делницата Скопје-Тетово-Гостивар. Во планот е предвидено да се заврши и оваа делница“, вели Реџепи.

Вкупната должина на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е 76 километри. Се гради со кредит од 28 милиони евра од германските Дојче банка и Ерсте банка. Крајниот рок за завршување на градежните работи, според веќе склучените договори, е октомври 2019 година.

Во моментот активностите на Водно се стопирани. Четирите багери, кои пред две недели почнаа да го рамнат теренот, останаа на планината покрај неколкуте откорнати дрвја. Работите се стопирани кога планинарите алармираа за новото касапење на шумата, а Владата формира работно тело кое треба да најде начин како да продолжат градежните работи, а да нема уништување на зеленилото.