Зеленилото кое го засади Град Скопје го попречи пристапот до спомен-плочата на куќата на Мајка Тереза

Зеленилото кое го засади Град Скопје во центарот на градот го попречи пристапот до спомен-плочата на куќата на Мајка Тереза. Оваа плоча ја претставува куќата во која се родила и 18 години живеела светицата и хуманистката позната во целиот свет, но сепак, туристите не можат да положат ниту цвеќе, ниту пак да се фотографираат за да ги одбележат важните датуми поврзани со Мајка Тереза.

Доколку сакате да ја фотографирате спомен плочата на куќата на Мајка Тереза, ќе треба да го поминете зеленилото каде е засадена трева, вели репортерот на ТВ21.

Неодговорен чин и напад на фигурата на Мајка Тереза. Со овие зборови од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, во отворено писмо, бараат од градоначалникот Шилегов, да се врати спомен плочата на хуманистката во претходната положба. Плочата е поместена со изградбата на плочникот пред ГТЦ и поставувањето тревник во делот на приватно земјиште, чиј предмет  меѓу Општина Центар и сопственикот на парцелата и инвеститор „ Амадеус Девелопмент“, Управниот суд го врати на повторно одлучување во Општината.

Од Институтот за духовно наследство на Албанците очекуваат да се постави патека до спомен плочата и таа освен на македонски и англиски, да биде напишана и на албански, каква што била националната припадност на Мајка Тереза. Градоначалникот Шилегов најави повеќе детали на утрешната прес конференција , но рече дека е жално што сега се појавуваат душегрижници кои молчеле кога плацот се продал за да се гради зграда и Шпански скали. Општина Центар повторно го поништи одобрението за градење на инвеститорот зашто не пријавил и не почнал да гради во предвидениот законски рок од 2 години.