Зелен хуман град реагира на дератизацијата во Буњаковец: Да се запре со расфрлањето отров на јавна површина и да се отстрани расфрланото

Зелен хуман град (ЗХГ) излезе со реакција откако денеска претходно градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски информираше дека се врши дератизација кај напуштениот објект позади катната гаража во Буњаковец. Во нивната реакција велат дека се расфрла отров на јавна површина од страна на Општина Центар.

„Во текот на денешниот ден градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја информираше јавноста дека е извршена дератизација позади катната гаража во Буњаковец и дека е планирано истата да се спроведе околу Основното училиште „Песталоци“. Сметаме дека ова е бесмислен, опасен и крајно неодговорен потег. Фотографиите кои самиот градоначалник ги објави јасно покажуваат расфрлање отров на јавна површина, нешто што директно го загрозува животот на сите бездомни и домашни животни во таа околина, велат од ЗХГ.

Во реакцијата од ЗХГ велат дека отровот за глодари делува по неколку дена, предизвикува внатрешно крварење и во голем број на случаи е фатален. Со тоа, Општината свесно ја зголемува опасноста за умирање во маки на кучиња и мачки кои живеат во таа средина!

Исто така велат дека ова не е закана само за животните, туку и дека ова претставува сериозна опасност и за малите деца и за сите граѓани кои секојдневно се движат низ тие јавни површини.

„Станува збор за расфрлање отров на јавно место што претставува кривично дело. Бараме: 1. Веднаш да се стопира оваа практика. 2. Да се отстрани сè што е веќе расфрлено. 3. Општината да воведе безбедни и хумани методи за контрола на глодари, наместо расфрлање отров кој ја загрозува целата заедница“ гласат барањата на Зелен хуман град.

Тие апелираат до институциите Обвинителство, Државен инспекторат, како и Министерството за внатрешни работи итно да реагираат и да постапат согласно закон.