И од Здружението „Вина од Македонија“ се приклучуваат кон иницијативата за алкохолните пијалоци да можат да се продаваат и после 21 часот.

Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, се приклучува кон иницијативата на Стопанската комора, упатена до Владата, за укинување на одредбите од Законот за трговија со кои се забранува продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата по 19, односно 21 часот и се воведоа лиценци за продажба на ваков вид производи во трговската мрежа.
- Примената на ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, во изминатите девет години, нанесе голема финансиска штета на производителите на вино, како и на целокупната домашна винска индустрија која, заедно со лозарството, создава и до 20 отсто од годишниот бруто домашен производ остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.000 вработени во домашните винарници -велат од Здужението.
Иако македонското вино е еден од водечките национални брендови, а Македонија се декларира како винска земја,додаваат од Здружението, на домашниот пазар се консумира само 9 отсто од вкупната колична произведена во нашите винарници.
- Згора на тоа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа придонесе за намалување на продажбата на вино за повеќе од 10 отсто на годишно ниво, што секако негативно се одразува на приходите на самите винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозјето од лозарит велат од Здружението.
Според винарите, дополнителен аргумент за укинување на ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци, меѓу кои и на виното, е и тоа дека земјава има најмала просечна потрошувачка по жител во Европа од само 7 литри вино.
- За споредба, во земјите членки на ЕУ од нашиот регион: Бугарија, Грција, Словенијаи Хрватска, потрошувачката на вино надминува 25 литри по жител. Во ниедна од овие земји- членки на ЕУ не постои ограничување на продажба на вино во трговијата- врлат винарите.
Од Здружението велат дека и во оние земји каде алкохолизмот е изразен општествен проблем, што не е случај во Македонија, виното се третира како исклучок во однос на жестоките пијалаци со висок процент на алкохол, затоа што научно е докажано дека умерената консумација на вино има позитивно влијание врз здравјето на луѓето.
- Сите овие факти претставуваат повеќе од доволен аргумент за прифаќање на предлогот на Стопанската комора за укинување на рестриктивните ограничувања во продажбата на алкохолните пијалаци во трговската мрежа во земјата - заклучуваат од Зружението..
За да се постигнат посакуваните ефекти поврзани со спречување на злоупотребата на алкохолот, членките на „Вина од Македонија“ целосно ја поддржуваат забраната на продажба и точење алкохол на малолетни лица и истовремено инсистираат на ригорозна контрола на нерегистрираното производството и трговијата со алкохол „на црно“, за кое не се плаќаат даноци и е широко достапно за целото население, вклучувајќи ги и најмладите.