Здружението „Балкански вина“ – прв чекор кон регионална винска иднина

Првото издание на симпозиумот „Балкански вина“ беше во знакот на идната заедничка промоција на целиот балкански вински регион. Поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ОН ФАО) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), овој значаен настан на едно место ги собра винските ентузијасти, меѓународни експерти од индустријата и регионалните винарии за да ја прослават иницијативата за основање на „Балкански вина“ и да ја промовираат исклучителната винска приказна од Балканот.

Настанот започна со серија инспиративни говори за соработка од Светозар Јаневски, претседател на Вина од Македонија; Милош Миловановиќ, специјалист за поддршка на инвестиции во агробизнисот во Инвестицискиот центар на ОН ФАО; Немања Гргиќ, главен менаџер за агробизнис во ЕБОР; како и Љупчо Николовски, македонскиот министер за земјоделство, водостопанство и шумарство. Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Вина од Македонија ги претстави визијата и целите на заедничката иницијатива „Балкански вина“. Таа посочи дека новото здружение ќе биде здружувачки фактор за винските индустрии од регионот.

„Стратешката иницијатива ќе го поплочи патот кон уникатни вински понуди, одржливи практики и зголемена интернационална препознатливост како и развој на винскиот туризам“, посочи Јеленковиќ.

Фредерик Џулија, меѓународниот експерт на проектот, ја претстави маркетинг стратегијата за заедничко претставување на балканските вински индустрии. Според неговите согледувања, балканските земји имаат одлична географска позиција и клима за производство на вино, имаат локални сорти кои го прават овој регион особено автентичен, но и одличен микс на големи и мали винарии кои придонесуваат кон разнолична и силна винска индустрија.

Симпозиумот послужи како кулминација на еднонеделното патување, на кое реномирани светски вински новинари ги посетија шесте земји од Западен Балкан. Целта на патувањето беше да се открие неискористениот потенцијал на балканските вина. На првата панел дискусија тие ги споделија нивните впечатоци од патувањето и дадоа сопствени препораки и согледувања за здружениот пат напред. Нивните препораки се однесуваа на пофокусиран брендинг, промовирање на локалните сорти и градење на балкански вински патишта кои ќе вклучуваат заокружена туристичка понуда која нема да биде фокусирана само на винската дегустација.

Втората панел дискусија беше посветена на одржливото производство на вино. Јакопо Монѕини, офицер за управување со природни ресурси во ФАО; Стефано Скардокиа, менаџер за известување за одржливоста во Банфи; како и Радош Вукиќевиќ, извршен директор на ВВ „Тиквеш“; дискутираа за успешните модели на одржливи практики во светската винска индустрија како и локалните добри практики.

Здружението „Балкански вина” се заснова на меморандумот за соработка со кој во 2019 година беше основана Балканската винска мрежа. Таа имаше за цел да помогне во одредување на стратешките правци за идниот одржлив развој на винската индустрија, лозарството и винскиот туризам во целиот регион. Целите на оваа мрежа остануваат во фокус и на новото здружение „Балкански вина”, а за време на симпозиумот им беше доделена благодарница за особен придонес на Фондот Западен Балкан и нивниот извршен директор Ѓерѓ Мура.

Проектот „Поттикнување на диверзификација на извозот на земјоделска храна на Балканот и Источна Европа“ е финансиран од ЕБОР како дел од билатералната поддршка на Република Италија имплементирана преку Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) и Платформата за развој и иновации на претпријатијата од Западен Балкан (ПРИП ЗП) и кофинансиран од ФАО.