Здружение оштетени штедачи од „Еуростандард банка“ со свој став за состојбата

„Што научивме од телевизиското соочување на дел од главните виновници за сторениот криминал како главна причина за пропаѓањето на Еуростандард банка!? Освен за Трифун Костовски кој повторно децидно и недвосмислено јавно ја призна вината и одговорноста за сторениот криминал во банката и спремноста да одговара за истиот кога ќе биде повикан од надлежните органи, на телевизиската дебата се појави и Николче Петковски, уште еден од главните виновници и диригенти на злоупотребите и криминалните активности во банката“, велат од Здружението на оштетените штедачи на ЕСБ, објави Локално.мк.

„Како претседател на Управниот одбор во времетраење од околу десетина години, време во кое во банката се вршеле најголемите измами и сомнителни зделки преку делење на непокриени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра, овој човек на дебатата ја убедуваше јавноста дека во банката има повеќе пари од сумата што е потребна за намирување на сите доверители. Според неговите лични математики вишокот е околу 12 милиони евра. Со ваквото тврдење Николче Петковски го прогласи за невалиден и далеку од реален извештајот за состојбата на банката на стечајниот управник и неговиот тим во којшто се утврдени ненаплатливи и тешко наплатливи кредити од неполни 60 милиони евра, сопственикот на пропаднатата банка кој се прашува каде се парите кои не може да се видат па се до одлуката на Народна банка која според тврдењата на поранешниот директор по се изгледа ја затвори банката без потреба.

Очигледно, и изјавата на Арафат Муареми, директорот на финансиската полиција, дека во предистражната постапка има основани индикации за сторени злоупотреби и криминал во банката, не беа доволни за манипулативните тврдења на Николче Петковски дека состојбата со активата во банката е повеќе од добра и задоволителна за да се намират доверителите. Во таа смисла е и неговото јавно признание дека милионски кредит во евра даден на фирмата на неговиот вујко не е исплатен во целост а тоа што се смета за исплатено во банката се всушност краткорочни позајмици на банката дадени преку фирмата на неговиот вујко на други фирми кои сервисирале обврски. Согласно изјавата на сопственикот Костовски, Николче Петковски ја користел фирмата на неговиот вујко за трансфер на поделените пари до избраните фирми. Само оваа изјава треба да биде доволно објаснување како пример за големината на злоупотребите што се правени во банката со години. Дали ова јавно тврдење на поранешниот директор на банката ќе биде доволно за да се прошири истрагата на институциите за овие матни комбинации на трансфери на пари во банката? Дали институциите превземаа некаква постапка за санкционирање на активностите преполни со неправилности и злоупотреби направени во банката во времето кога Николче Петковски бил прв човек во Управниот одбор? Воедно, дали му е одземена и лиценцата за работа и ако не, зошто Народна банка му дозволила да ги прави сите тие малверзации и злоупотреби со години?

Очигледно, поранешниот директор како и сопствениците на пропаднатата банка се во лагодна состојба бидејќи уживаат со нашите пари кои ги заработиле од нечесните зделки со делените непокриени кредити на избраните фирми и не чувствуваат тежина за проневерата и вина за измамата. Секако, целата таа грижа и агонија останува на оние 700 физички лица и 2.000 фирми депоненти во банката кои ги изгубија своите лични средства а кои се прелеани и споделени во разни џебови. Тие остануваат да се прашуваат каде се завршија нивните пари. Вистината е блиску на дофат иако можеби навидум не изгледа така. Полека но сигурно клопчето почна да се одмотува.

Вистината мора да се открие, крадците да одговараат кривично и материјално а нашите пари да ни се вратат.

Борбата продолжува за вистината и правдата!“, велат од Здружението.