Здружена поддршка на женското претприемништво за поконкуретно стопанство

Еднакви можности во приватниот сектор, следење на европските трендови за зголемување на  уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки работни позиции во корпоративниот свет се само дел од аспектите кои доколку се применат ќе имаат позитивен импакт врз севкупната економија, беше истакнато денес на конференцијата „Женско претприеништво и предизвиците за интеграција во ЕУ“ по повод Светскиот ден за женско претприемништво.

На панел дискусијата посветена на „Важноста на граѓанските организации за ЕУ интегративните процеси во полето на женското претприемништво“, претседателот на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска зборуваше за  потребите и предизвиците во развојот на женското претприемништво, обидите за воспоставување на стратешки систем, кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, особено на високораководни позиции, но и со овозможување на неопходната поддршка за баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.

„Врз основа на искуствата на брзорастечките економии – зајакнувањето на економската позиција на жените може да биде клучно во менувањето на растот на економската моќ на земјата. Потребна е Стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на високи корпоративни позиции, бидејќи тие сочинуваат голем дел од вработеното и работноспособно население, но бидејќи не им се овозможени еднакви можности за напредување, често се најбројни во пониски или на средно ниво раководни позиции. Според најновите истражувања, жените во Југоисточна Европа слично како и на далечниот исток, се соочуваат со многу предизвици врзани со нивната очекувана традиционалната родова улога во општеството, која пак влијае врз нивната економска независност.  Се проценува дека 30 отсто од претприемачите во Европа се жени, додека овој процент во ЈИЕ изнесува меѓу 15 и 30 проценти “, изјави Арсовска и додаде дека постојано и упорно се апелира дека за разлика од квотите кои постојат во политиката и во јавниот сектор, во приватниот сектор нема загарантирани квоти и секој треба да се избори на пазарот согласно својата компетентност и квалитет, но постои нерамноправна борба бидејќи да бидеш еднаков значи да бидат обезбедени и еднакви можности за развој.

Просекот во ЕУ на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75 проценти. Според податоците на Светска банка евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд, во 2013 имало 44 проценти, додека во 2017 година 42 проценти, а од нив на високи раководни позиции се под 2 проценти што е поразителен факт.