
Денес, заедно со градоначалникот Јане Мицевски сме на терен во областа Теферич, каде со заеднички ресурси со Општина Сопиште почнуваме да работиме на расчистување на теренот, сподели преку социјалните мрежи градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Таа посочи дека на барање на жителите, ангажирале багери и скипови за отстранување на депониите со шут и отпад, додека екипите со тримери ги уредуваат обраснатите јавни површини.
Во акцијата се вклучени 40 работници кои активно работат на расчистување на насобраниот отпад. Ова е дел од пошироката генерална акција која веќе една недела ја спроведуваме во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ низ населбите и населените места во општина Кисела Вода.
„Преку ваквите акции се стремиме да ја подобриме хигиената и да ја уредиме животната средина во која сите живееме. Продолжуваме со работа на терен, во интерес на граѓаните на Кисела Вода. Чистата општина е заедничка одговорност“, порача градоначалничката.