Во последните години, зборот здравје стана своевиден статусен симбол.

Photo by Гоар Авдалян on Unsplash
Социјалните мрежи се преполни со фотографии од протеински смутија, слики од фитнес-сали и совршено естетски појадоци. Секој зборува за „wellness“, но сè почесто се губи суштината. На здравјето не треба да се гледа како проект, туку процес. Наместо враќање кон телото, многумина се оддалечуваат од него, следејќи туѓи рецепти за „идеален живот“. Она што почнува како љубов кон себе, лесно се претвора во уште една форма на контрола.
Да почнеме со фитнесот

Photo by John Arano on Unsplash
Движењето е природна потреба на телото, но кога станува обврска, телото почнува да се брани. Истражувањата покажуваат дека прекумерниот тренинг може да предизвика зголемување на кортизолот, односно хормонот на стрес, кој во големи количини го нарушува сонот, го намалува имунитетот и ја ослабува менталната стабилност. Парадоксално, наместо сила и виталност, добиваме анксиозност и воспаление. Телото не се одмора, туку постојано „работи против себе“, особено кога физичката активност не е проследена со адекватен сон и исхрана.
Истиот принцип важи и за диетите

Photo by Vitalii Pavlyshynets on Unsplash
Современата култура создаде мит дека „чистата“ исхрана е знак на дисциплина и самоконтрола, а не на свесност. Постојат термини како „orthorexia“, односно форма на нарушување во исхраната во која луѓето стануваат опседнати со „здрава храна“, избегнувајќи цели групи производи и создавајќи хроничен страв од „лоши“ калории. Телото станува терен за битки меѓу умот и совеста, наместо место на рамнотежа. Истражувањата потврдуваат дека ваквите рестрикции водат до дефицит на железо, магнезиум и витамини од Б групата, а со тоа и до хроничен замор и емоционална раздразливост.
Суплементите, пак, се новата валута на „биохакирање“

Photo by laura adai on Unsplash
Само за пример, пазарот со суплементи во исхраната во САД вреди над 50 милијарди долари годишно, а прогнозите велат дека ќе се удвои до 2030 година. Луѓето земаат витамин Д без да го проверат нивото во крвта, магнезиум без да знаат која форма телото навистина ја апсорбира, колаген во надеж дека ќе го „сопрат времето“. Но, суплементите се алатки, не решенија. Повеќето нутриенти телото најдобро ги прима преку природна храна, не преку прашоци кои се со сомнително потекло. Проблемот не е во самите суплементи, туку во менталитетот што верува дека здравјето се купува така лесно.
И токму тука лежи суштинската точка: кога грижата за себе станува уште една обврска, уште еден начин да се докажеме дека „работиме на себе“, таа ја губи својата цел. Здравите навики стануваат токсични кога ги користиме за да го победиме телото, наместо да го слушаме. Истинското здравје не изгледа совршено. Понекогаш тоа е утро без аларм, ден без фитнес, ручек без вина. Не е во ригидноста, туку во довербата — дека телото знае кога му треба движење, а кога одмор.