Збогум за дивите депонии - Новите скопски градоначалници прво се фатија да ги исчистат општините

Градоначалниците на повеќето скопски општини откако стапнаа на функцијата прво се одважија за решавање на проблемот со дивите депонии на територијата на нивните општини.

Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел се првите скопски општини каде стартуваа активности за намалување на загадувањето.

Првиот човек на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на првиот ден од својот градоначалнички мандат, заедно со инспекциските служби за животна средина, спроведоа мапирање на дивите депонии во општината, а веќе неколку дена на терен се и комуналните служби кои го расчистуваат јавниот простор во општината.

Муцунски најави и чистење на депонијата во Долно Лисиче пред мостот на реката Вардар.

И општина Кисела Вода започна со чистење на дивата депонија во месноста викана Дупки во населбата Драчево.

-Ова е првиот чекор кон финалното отстранување на сите депонии во општина Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој беше на терен заедно со службите.

-По целосното расчистување на ова место, на површина од околу 4.000 м2, ќе се направи зелен парк кој ќе нуди и многу дополнителни содржини. Ќе се изгради детско игралиште, катче за пензионери, ќе се постават клупи и корпи за отпадоци, порача тој. 

Во Гази Баба пред неколку дена започна голема есенска еколошка акција за расчистување на улиците, дивите депонии и поголемите паркови. Во акцијаа се вклучени 60 вработени во Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“ кои започнаа со расчистување во населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром, како и Ченто.

-Ваквите активности ќе се спроведуваат во континуитет, порача градоначалникот Бобан Стефковски, на стартот на акцијата.

Дарко, Костовски, градоначалникот на Бутел, пак соопшти дека лоцирале депонии на 12 локации и истите ќе бидат решени за помалку од една недела.

-Општина Бутел без депонии. Почнавме со отстранување на депонии во Општина Бутел, лоциравме депонии на дванаесет локации, истите ќе бидат решени за помалку од една недела. Почнуваме со силно темпо, следете не, напиша Костовски на својот фејсбук профил.