
Фотографија покрај жолтиот авион, бакнеж на пропелерот и кратка, но емотивна порака: „Збогум, љубов моја! Овој пат засекогаш!“ Со овие зборови битолскиот пилот Васко Михалчев сподели момент од својата долгогодишна врска со авијацијата.
Михалчев е познат на македонската јавност и како еден од искусните пилоти кои се вратија од пензија за да помогнат во гаснењето на пожарите. Во 2024 година, заедно со Стоје Арсовски, повторно седна зад командите на противпожарните авиони „ер трактор“, а нивниот ангажман беше продолжен и во 2025 година. Во период на недостиг од обучени пилоти, нивното искуство беше значајно за воздушните интервенции низ земјата.
Неговата воздухопловна приказна е тесно поврзана со Битола. На одбележувањето на стогодишнината од аероклубот „Мирко Тодоровски“ во 2025 година, Михалчев потсети дека е член на клубот уште од 1980 година – 45 години посветени на летањето и на битолскиот аеродром.

За него, аероклубот не бил само место за стекнување пилотски вештини, туку и простор во кој се учеле важни животни лекции.
Колегите го паметат и по ангажманот далеку од очите на јавноста. Во периоди кога немало доволно средства, Михалчев бил и пилот, и инструктор, и механичар – ги одржувал авионите и помагал да се зачува воздухопловната традиција во Битола.
Посебно место во неговата работа имала и обуката на младите. На јубилејот на аероклубот тој нагласил дека една од задачите на неговата генерација е да остави наследници – нови пилоти кои ќе ја продолжат традицијата.
Во најновата објава Михалчев не открива што точно стои зад зборовите „овој пат засекогаш“. Но фотографијата и пораката доволно зборуваат за силната лична врска со леталото и со професијата на која ѝ посветил голем дел од животот.