Заврши повикот за субвенционирање на велосипеди, аплицирале над 4.100 граѓани

Град Скопје соопшти дека вчера заврши вториот јавен повик за субвенционирање на купувањето велосипеди за 2019 година бидејќи се исцрпени предвидените финансиски средства.

Над 4.140 граѓани се пријавиле за субвенционирање на купување на велосипед. Во првиот јавен повик биле пристигнати 3.472 барања, додека со вториот пристигнале над 670 барања.

Од Град Скопје информираат и дека од денеска (16.07), барања за субвенционирање на купени велосипеди нема да се примаат во архивата.

Според јавниот повик Градот Скопје ќе го субвенционира купениот велосипед во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.