Заврши епидемијата од морбили - ќе се примаат ли сега невакцинирани деца во градинка?

После толку време борба, од Министерството за здравство најавија дека заврши епидемијата од морбили во државата. 

Родителите после ова, поставуваат прашање, ќе можат ли сега децата невакцинирани да бидат запишани во градинка?

На оваа прашање се уште нема конкретен одговор, па на родителите им останува само да се надеваат дека нивните деца наскоро без проблем ќе бидат примени во градинка. 

Децата кои не се вакцинирани, нема да се примаат во градинка дури и да заврши епидемијата на морбили, ова беше став на надлежните, додека траеше епидемијата. 

При уписот, родителите мора да приложат уреден вакцинален картон. Доколку во него не е наведено дека детето примило МРП вакцина, нема да може да посетува градинка, без разлика дали веќе е запишано (пред епидемијата) или од почеток треба да се запишува.

-За да можеме да ги заштитиме сите деца важно е тие да се вакцинирани и тоа е светска пракса и сметам дека треба да продолжи. Ние како Влада само ги почитуваме законите кои се многу години пред нас донесени, беа само дел од изјавите. 

Вкупниот број регистрирани случаи со морбили во нашата држава од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесуваше 1.901 случај со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Во согласност со податоците од Институтот на јавно здравје, во текот на епидемијата вкупно се вакцинирани 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, специјализанти и ученици во средните медицински училишта и други контакти на заболените лица.

Со оглед на фактот дека болеста се регистрира во целиот европски регион, можна е појава на одделни импортирани случаи и ограничено ширење на болеста кај невакцинирани лица. Епидемиска појава од поголем обем во наредниот период не е веројатна поради зголемување на опфатот на подлежната популација на возраст до 14 години над 95 отсто и намалување на бројот на осетлива популација, кој дополнително е намален како резултат на вакцинацијата кај преостанатото население како противепидемиска мерка под услов и во наредниот период да се одржува високиот опфат со вакцинација кај подлежната кохорта од над 95 отсто во согласност со препораките на Светската здравствена организација, соопшти Министерството за здравство.