Завршен претресот во домот на Јакимовски, екс градоначалникот замина во Финансиска полиција

Финансиската полиција предмалку го заврши претресот во домовите на поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, јавува репортерот на Курир од терен.

Екипите на финансиската полиција го напуштија домот на Јакимовски, а веднаш по нив се упати и екс градоначалникот кој како што кусо рече, со својот адвокат ќе оди на информативен разговор.

Претходно во изјава за медиумите тој смета дека денешниот претрес во неговиот ден е политички притисок пред претстојниот референдум.

-Тоа е причината. Политички притисок пред референдумот и се она за што тие ни се закануваат наназад веќе пет години, но сакам јасно да порачам дека ГРОМ дали јас ќе бидам жив или мртов нема да излезе на овој референдум. Посготвен сум сите проблеми кои ќе ми ги прават стоечки да ги издржам и сметам дека ова е една ненародна власт која се здружила со криминалци за наводно да брка криминал за работи за кои апсолутно нема никаква врска со мене како градоначалник, нагласи Јакимовски.

Тој појасни дека како градоначалник потпишува одлука за избор на најповолен понудувач и договор со фирмата, која врз основа на тоа оди во банката за да земе банкарска гаранција.

-Не сте крив затоа што сте крив, туку сте крив зошто треба да бидете крив. Очигледно на оваа власт и требаат виновници за нејзините неуспешни политики. Тие денес се овде во мојот дом, во домот на моите деца, во домот каде претходно сум живеел. Мене ми е жал што морам на македонската јавност да и соопштам дека ме известија дека од судството е напишано решение за мое спроведување, нагласи Јакимовски.