Заводот за статистика викендов почнува анкета за состојбата на мајките и децата во 6.240 домаќинства

Државниот завод за статистика викендов почнува со собирање податоци за состојбата на жените и децата во земјава во 6.240 домаќинства.

Оваа статистичка операција Заводот ја спроведува во партнерство со УНИЦЕФ и УНФПА, во рамки на една од најголемите меѓународни програми за истражување во домаќинствата, од шестата серија на Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), што е поддржано од УНИЦЕФ во светски рамки.

„Ги повикуваме сите домаќинства да ги отворат вратите на нашите анкетари, бидејќи со овие податоци земјата и понатаму ќе развива политики и насочени интервенции што се потпираат на информации со цел да се подобри состојбата на жените и децата во земјата“, рече директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

МИКС е сеопфатен извор на податоци за жени и деца, со кој се обезбедуваат споредливи показатели за исхрана, рани бракови, детски труд, функционалност на децата и возрасните, ран детски развој, образование и другите сфери што влијаат на благосостојбата на децата.

„Како што проблемите кои не се проценети остануваат нерешени, така постои ризик да се изостават децата кои не се изброени. Информациите се неопходни за надминување на јазови во податоци, за полесно донесување одлуки врз основа на докази, и за поттик на актуелните реформи во земјата и реформите кои се во тек. Со нив треба да се постигне и трансформација – неповратни промени за подобро утре на сите деца и жени во земјата“, рече претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

Собирањето податоци ќе се врши од 16 ноември годинава до март следната година.