Завист - сите сме ја почувствувале, но ретко кој има храброст да ја признае

Постојат моменти кога не можеме да го признаеме, ниту пред другите, ниту пред себе.

Photo by Jametlene Reskp on Unsplash

Тоа чувство што се појавува кога некој има нешто што ние го посакуваме: нечија леснотија, сигурност, љубов, успех. Не го мразиме тој човек, туку потсетникот дека и ние тоа го сакаме. Зависта не е омраза. Таа е тивка болка што доаѓа од недостиг.

Зависта ни покажува што во нас е запоставено. Таа не е доказ дека сме „лоши“, туку дека нешто во нас се чувствува изоставено. Секоја завист има корен во восхит — нè боли не затоа што друг има, туку затоа што ние длабоко во себе веруваме дека не можеме. Кога ќе ја погледнеме од тој агол, зависта станува компас. Таа ни покажува што посакуваме, каде се чувствуваме недоволни и што сè уште не сме си дозволиле.

Проблемот не е во зависта, туку во срамот што ја следи. Ни рекле дека не смееме да ја чувствуваме. Па затоа ја потиснуваме — ја маскираме во критика, во иронија, во рамнодушност. Но таа останува таму, под површината, додека не ја претвориме во признание: „Ја гледам твојата светлина, и ме боли затоа што и јас ја посакувам.“Во тој момент зависта престанува да биде темнина и станува патоказ.

Сите сме ја почувствувале, nа социјални мрежи, на работа, во љубов. Гледаме нечиј успех и не го сакаме неговиот пораз, сакаме доказ дека и нашиот ден ќе дојде. Зависта е човечка. Вистинската храброст не е да ја негираме, туку да ја претвориме во поттик. Да ја насочиме кон акција, да направиме нешто подобро од себе. 

Кога ќе престанеме да ја гледаме зависта како мана, ќе видиме дека во неа живее скриена желба за живот. Таа е суров, но искрен повик: „И ти го можеш тоа.“ И тогаш, наместо да ја потиснеме, ќе ја претвориме во сила, која што не уништува, туку создава.