Затворено осмото издание на фестивалот на комедија „Гола месечина“ во Аеродром

Со комедијата „Чудесна терапија“ на НУ „Драмски театар“ од Скопје во режија на Димче Николовски, во која играа Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ Пановска и Предраг Павловски, вчеравечер заврши осмото издание на традиционалниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, каде што се одржа годинешниот фестивал на комедијата, покрај „Чудесна терапија“, публиката имаше можност да ги проследи и комедиите „Грдиот“ на НУ „Театар Комедија“ од Скопје, „Црвенкапа“ на НУ „Театар за деца и младинци“ од Скопје, „Мој Термин“ на НУ „Македонски народен театар“, како и „Вообразен болен“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.

Фестивалот што го организираа Општина Аеродром и НУ „Театар комедија“ се одржа според сите утврдени протоколи за организирање манифестации од отворен карактер во услови на КОВИД-19, поради што изостанаа претставите од соседството, а целосниот фокус беше ставен врз македонската продукција на комедии.