Затворени угостителски објекти? Скопје има да понуди многу повеќе од тоа

Во време кога пандемијата повторно зема силен замав, па се воведоа и повеќе рестрикции, времето кое го имаме за рекреација е значајно намалено, но не значи дека не е возможно да го исполниме со најразлични активности. 

Еден од начините е пешачење до работното место. На пример, Партизанска е можеби една од најубавите улици со дебели сенки и пешачењето рано наутро е едно од најубавите искуства за скопјани. Секогаш можете да направите и мала пауза на некоја од многубројните клупи. 

Слично е и со пешачката зона на булеварот Јане Сандански. Но, низ центарот на градот тоа е практично невозможно и може да ви предизвика уште поголем стрес. 

Некои од граѓаните се во можност да се релаксираат во ова стресно време и во текот на денот, ако флексибилното работно време им го дозволува тоа. Ова се некои од активностите кои можете да ги практикувате:

Прошетка во Градскиот парк

Ова е најпопуларната точка во градот, понекогаш има премногу гужва, но тоа е исклучително ретко во работните денови. Ако сте во можност, искористете ја за да прошетате низ зеленилото, да го прошетате вашето милениче, да ги изнесете децата на прошета, а притоа можете да уживате во вкусно кафе по ваш избор. 

Зоолошката градина

Кога веќе сте во паркот, можете да ја посетите и Зоолошката градина Скопје. Таа може да биде вистинско место за релаксација непосредно по отворањето, наутро, кога животните се одморени од стресот кој им е предизвикан од неодговорните посетители. 

Водно

Ова е уште една од очигледните опции. Без разлика дали возите велосипед, пешачите, или се со возило, Водно е секогаш прекрасна опција за оние кои сакаат да се релаксираат во природа. Но, бидете одговорни кон природата и не оставајте отпадоци зад себе. Жичарницата не работи сега во пандемски услови, па пешачењето или велосипедот се одлична опција. Оние кои уживаат во долги возења, може да го извозат потегот од Средно Водно до манастирот Свети Пантелејмон во Нерези, но и да се симнат од Водно преку патеките кои водат до Нерези кај фабриката Реплек. 

Матка

Ова е многу популарно место за скопјани и често има премногу луѓе, нешто што не е препорачливо во овој стадиум на пандемијата. Но, во работните денови, е сосема поинакво искуство. Доколку сте во можност, посетете ја кога е релаксирана и нема премногу посетители. Можете да го посетите и езерото Треска, но веќе сите знаеме каква е неговата состојба и дека можеби тоа искуство може да ве растажи.

Возење по скопската обиколница

Некои луѓе уживаат во долгото возење и тоа ги релаксира. Ако сте за овој вид на забава и рекреација, тогаш еден „круг“ по обиколницата ќе биде одлична опција за вас. 

Паркот Сарај

Местото кое е опкружено со текот на реките Вардар и Треска и кое започнува точно во точката каде Треска се влева во Вардар е неправедно потценето. Иако треба уште многу да се инвестира во него, очигледно е дека се работи на обновување на паркот Сарај, се местат клупи, летниковци, чешми и друга урбана опрема, се уредуваат игралиштата и се води грижа за зеленилото. Таму се и остатоците од некогашниот базен Сарај, кои сведочат за едно многу поинакво време и за тоа како овој дел од градот некогаш беше вистински спортски центар. 

Возење велосипед по кејот на Вардар

Практично, почнувајќи од Аеродром, па сè до Влае, можете да возите велосипед, доколку уживате во ваков тип на активност. Истиот дел е уреден и со пешачка патека, а дистанцата можете самите да ја одредите. 

Околината на Скопје

Релаксацијата и забавните активности не мора да бидат далеку од нас за да можеме да ги посетиме. На пример, можете да поминете неколку часа во коњички клуб во Волково, да се прошетате во природата над населбата Стопански Двор, да го посетите селото Орман, но и да продолжите до хотелот Белви и неговата околина, како и населените места во општина Илинден. А кога веќе сте таму, не го пропуштајте Ајватовски Рид. Доколку сепак сакате да останете во градот, посетете го паркот во Горно Лисиче, кој е прекрасно уреден, или ридот над Гази Баба, кој станува сè попопуларно место за релаксација.