Затворена текстилна фабрика во Штип поради Ковид-19

По денешните информации дека има нов позитивен случај на КОВИД-19 на текстилна работничка, Општинскиот кризен штаб донесе одлука да се затвори уште една текстилна фабрика во Штип со 250 вработени.

„Заедно со сопственикот, Кризниот штаб донесе одлука фабриката да биде затворена. Првиот регистриран случај на заболен работник од оваа фабрика е доволен сигнал да се преземат сигурни мерки. Подобро е работниците една недела да бидат на годишен одмор и во домашна изолација додека не се добијат резултатите од тестирањата на останатите вработени кои имале контакт за заболената колешка, па и на сите вработени во конфекцијата“ вели градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

Со ова во Штип затворени се седум фабрики, со над 800 вработени. Првата фабрика која стана жариште, се затвори веднаш по обелоденувањето на информациите дека има заболени, а епилогот од досегашните тестирања е дека над 60 отсто од вработените се позитивни на КОВИД-19. За вработените од оваа и останатите фабрики биле донесени 336 решенија за самоизолација.

По вчерашните објави за состојбата со коронавирусот во Штип, градоначалникот на Штип побарал средба со претседатеката на граѓанското здружение „Гласен текстилец“, Кристина Ампева на која се разговарало како и ова Здружение да помогне во спроведувањето на мерките.