Затворање на манифестацијата „Денови на општина Ѓорче Петров“

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски објави дека вчера со концерт на наши изведувачи се затворила манифестацијата „Денови на општина Ѓорче Петров“. Тој им се заблагодари на сите граѓани кои дошле и кои ја направиле вечерта незаборавна. Градоначалникот посочи дека на Ѓорче му се потребни повеќе вакви настани.

„На овој концерт му претходеа настапи на "Поточиња", популарниот Баскерфест и караванот "Македонија, во срце те носиме". Ѓорче не памети толку народ на денски настан. Паркот беше вистинска мешавина од добра музика, детски насмевки и многу позитивни вибрации.

Во изминатиот месец одржавме многу настани од областа на културата, забавата и спортот. На највисоко ниво ги одбележавме Деновите на општината. Сите настани беа посетени со публика од сите генерации што ме прави особено среќен. Граѓаните пренесоа јасна порака - на Ѓорче му недостасуваат вакви настани.

Ветувам дека нашата општина ќе биде центар на вакви случувања во иднина. Имаме одлични идеи за уште подобра реализација“, напиша Стојкоски.