Засилени контроли за пушење ги уплашија угостителите во Скопје

Од пред неколку денови речиси во сите угостителски објекти се забранува пушење и на терасите каде што до скоро беше дозволено пушењето. Според информации на Скопје Инфо засилени активности на инспекторите на терен се причина угостителските објекти деновиве да бидат посериозни и повнимателни при спроведување на законот за пушење. А, главната причина е селективност и непочитување на законот кај дел од угостителските објекти.

Законот превидува глоба од 2000 до 4500 евра за правното лице кое го прекршува законот и казна од 500 до 1000 евра за одговорното лице во правното лице.

Според информациите до кои дојде Скопје Инфо засилените контроли на терен имаат за цел целосно и рамномерно спроведување на законот без исклучоци. Извори од државниот пазарен инспекторат коментираат дека нема ништо ново, туку само посериозен пристап на спроведување на законот кој што е јасен и прецизен.

Граѓаните се изненадени од новите рестрикции кои се воведени во угостителските објекти.

„Навистина беше чудно кога седнав во еден познат локал во Скопје, запалив цигара. Тогаш дојде вработениот и ме информираше дека во тој дел од локалот од пред неколку денови е забрането пушењето. Се е во ред, но требаше претходно да бидам информирам за тоа.“ - вели Горан Петровски од Скопје.

„Јас лично го поддржувам овој потег затоа што не сум пушач. Конечно да се стави ред и да се знае дека во импровизирани тераси не е дозволено да се пуши.“ - коментира Игор Станоевски од Скопје.

Угостителите се поделени. Едните велат дека со ова се намалува прометот и дека пушачите носат сериозни приходи, а други велат дека вистинско време е да се стави ред на пазарот и законот да важи за сите.

Убаво е да знаеш дека си рамноправен со другите и дека тоа што е обврска за тебе важи и за конкуренцијата. Тешко е да се функционира, но тоа важи за сите - вели сопственик на познат скопски угостителски објект.

Законот за пушење стапи на сила во октомври 2010 година. На самиот старт наиде на низа реакции и спротивставен ставови, но со мали измени и корекции истиот важи и се спроведува до денес.