Заштитниот фактор е задолжителен и кога е облачно

Кремите со заштитен фактор се задолжителни дури и кога надвор е облачно, бидејќи ултравиолетовите зраци доаѓаат до површината на кожата и делуваат исто како и јасното сонце. 

Овој козметички продукт е многу популарен, а постојат голем број опции на пазарот, почнувајќи од хемиска или физичка заштита од УВ-зрачењата, па сè до различни текстури, конзистенции, како и количина на парфем во нив или нијанса за тонирање на кожата. 

Постојат неколку златни правила, а тоа е дека за лице мора да користите што повисок заштитен фактор, особено доколку веќе имате одредени проблеми со кожата, како акни, оштетувања, црвенила или отворени ранички. Потоа, треба да изберете и соодветен производ, кој одговара на типот на кожата. 

Хемиската заштита нуди превенција од оштетување на кожата поради УВ-зраците, додека физичката создава тенка филм-облога која рефлектира голем дел од светлината. Денешните напредни формулации придонесуваат да се избегнат белите траги кои може да се појават на кожата, со оглед на тоа што треба да нанесете доволна количина за да ја добиете потребната заштита.