
Денеска православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции, а утре (недела) се слави големиот празник Сретение Господово - еден од најсвечените христијански празници.
Свети Трифун на иконите е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски ден на лозарите и градинарите и се смета и како покровител на меанџиите.
Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трифун-пијаницата.
Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Луѓето зa оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата. Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“ Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино.
Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата. Св.Трифун е роден околу 225 година, во селото Комсада, во римската провинција Фригија, во Мала Азија. Родителите му биле христијани, така што и тој бил воспитуван во согласност со христијанската вера. Според христијанските верувања, уште од раното детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство.
Тој, на изненадување на своите современици, имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед. Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан.
Утре, пак, верниците го слават Сретение Господово кога вообичаено е да се палат свеќи бидејќи се верува дека пламенот има скриена магична моќ и ќе ја заштити куќата од громови и други несреќи. На овој ден девојките треба да внимаваат каков маж најпрво ќе сретнат бидејќи тоа може да им ја одреди судбината. Се верува дека ќе се омажи за мажот кој што првпат го запознала тој ден.
Според канонот на православната црква, Сретење се вбројува меѓу празниците Господови и Богородица, бидејќи на тој ден истовремено се прославува и чистотата на Богородица.
Празникот се празнува уште од времето на царот Јустинијан, во црковниот календар е означен со црвена буква.