Заштитете се максимално: Не објавувајте на социјалните мрежи дека одите или дека сте на одмор

Сезоната на годишни одмори е идеален период за крадците кои чекаат куќите и становите да се испразнат за слободно да оперираат. Ако сакате да се заштитите од евентуална кражба, постојат пет работи што можете да ги направите за да бидете посигурни дека кога ќе се вратите во својот дом се ќе биде на своето место.

Не објавувајте на социјалните мрежи дека одите или дека сте на одмор

Колку и да е тешко да се воздржите од објавување фотографии и статуси од летувањето, најдобро е да не го правите тоа пред да се вратите дома. Нема потреба да им ставате на знаење на евентуалните криминалци дека домот ќе ви биде празен во следните десетина дена.

Не ги спуштајте ролетните до крај

Првиот знак дека нема никој дома се спуштените ролетни и завеси. Затоа немојте никогаш целосно да ги спуштате, односно оставете ги онака како што вообичаено ги чувате.

Дајте му клуч на некој од блиските

Замолете некој од блиските пријатели и роднини да помине да провери дали е се во ред и да поседи малку кај вас. Ако сте блиски со соседите, некој од нив може да ви го чува домот, а потоа додека тие се на одмор, вие ќе ја вратите услугата.

Замолете некој да ја собере поштата од сандачето

Еден од начините на кои крадците знаат дек некој не е дома, е по преполното поштенско сандаче. Покрај поштата од сандачето, замолете некој да ги собере и сите флаерчиња и промотивни каталози што се оставени пред влезната врата.

Инвестирајте во добра врата, аларм или камера

Оваа инвестиција е на долг рок и ќе се исплати во тоа што генерално ќе бидете посигурни секогаш кога ќе го напуштите домот.