Заштитен вид був пронајден во Кисела Вода

Голем ушест був (Bubo bubo) со скршеница на првиот зглоб од неговото десно крило, дехидриран и гладен бил забележан во кругот на претпријатието „Водовод и канализација“ во скопската населба Кисела Вода, известуваат од Здружението за заштита на бувовите МОТ.

- Се зачудивме кога вработените во „Водовод“ ни пријавија дека забележале „огромен був“ во паркот, тоа не е типично место за негово живеалиште, веројатно е дојден од страна во потрага по храна. Според тежината и видот на повредата претпоставуваме дека бувот бил удрен од кола, побарал засолниште во паркот, се засолнил, но тоа траело неколку дена. Големиот ушест був е згрижен во МОТ, ќе му помогнеме најмногу што можеме. Но имаме голем проблем. И покрај нашите барања и молби кон државните институции и актуелните матични министерства на кои и` припаѓа оваа вредна птица, за помош при формирање на спасителен центар за диви животни, останавме да ги спасуваме и рехабилитираме овие природни реткости што се заштитени со највисок степен на заштита во стан од педесетина квадрати - велат од Здружението за заштита на бувовите МОТ.

Големиот ушест був (Bubo bubo) од државата е заштитен со највисок степен на заштита, секое негово малтретирање и ловење е казниво со закон.