Засадено дрво “гинко” на местото на споменикот на Ќосето

Дрво од видот “гинко” денеска е засадено пред зградата на Врховен суд на местото каде пред повеќе од два месеци беше тргнат споменикот на Андон Јанев Ќосето.

Делегација од Нирнберг, збратимениот град на Скопје денеска присуствуваше на настанот и на Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов му ја предаде изгравираната плочка која ќе биде поставена на дрвото и на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации во кој стои: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

Инаку, дрвото “Гинко” (науч. Гинкго билоба) е листопадно дрво кое во својот животен век може да расте и до 40 метри со густо разгранета крошна во пирамидален облик што се одликува со голема отпорност на екстремни услови (отрови, загадувачи, радијација, инсекти итн.). Тоа е едно од најистражуваните дрва во светот со голем број научни трудови за него. Големиот интерес за гинкото произлегува оттаму што му се припишуваат голем број лековити својства.

Од Градот информираат дека дрвото што е засадено денеска чини околу 5.000 денари.