Засадени девет дрвја во Градски парк во чест на лицата со ретката болест oптички невромиелитис

Денеска во Градскиот парк во Скопје, зад Фонтана имаше акција за садење на редок вид на декоративни дрвја, Јапонска цреша (Sakura) во чест на лицата со ретката болест „Болести од спектарот на Неуромиелитис Оптики“ (анг. NMOSD), која беше иницирана од Рош Македонија во соработка со Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, Македонско невролошоко здружение, Сектор за комунални работи при Град Скопје - ЈП „Паркови и зеленило“.

Неуромиелитис оптика спектар на нарушување, е ретка, доживотна и инвалидизирачка автоимуна болест на централниот нервен систем (ЦНС), која го оштетува оптичкиот нерв и `рбетниот мозок. Болеста најчесто се појавува кај жените на возраст од 30 и 40 години и афектира помалку од пет на секои 100.000 лица во светот.

Голем дел од случаите на неуромиелитис оптика спектар на нарушувања може да се откријат со дијагностички тестови, иако честопати пациентите се дијагностицираат погрешно како мултипла склероза токму поради сличноста.

Оптички невромиелитис е прогресивна болест, што значи дека симптомите продолжуваат да се развиваат со секој релапс, честопати инвалидизирајќи ги луѓето.

- Целта ни е да ја подигнеме свеста кај населението, но и сите важни општествени чинители во државата за оваа ретка болест бидејќи ова се млади луѓе на кои треба здружено да се обидеме да им се подобри квалитетот на живот затоа што е болест која за кратко време ги носи во тешка инвалидна состојба, губење на видот. Ова се пациенти кои што доколку не се дијагностицираат и третираат брзо ќе стигнат до тежок степен на инвалидност, а со тоа и нарушен квалитет на живот. Повторно ќе потенцирам, станува збор за млади луѓе кои се во период кога треба да создаваат семејства, кажа д-р Драгана Петровска.

Во Македонија во моментов живеат девет лица со оваа ретка болест и поради тоа во Градскиот парк во Скопје беа засадени девет дрвја, јапонска цреша.