Околу 500 дрвја се засадени на територијата на Општина Аеродром во рамки на пролетната акција за зазеленување што се спроведе изминатите две седмици во соработка со Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“.
– Новите висококвалитетни повеќегодишни садници се од видовите јавор, каталпа, јасен, чинар, брест, јапонска цреша, ликви дамбар, декоративна јаболка, липа, црвен даб и лириодендрон. Дрвјата се засадени во паркот во близина на последната автобуска постојка на линијата број 5, покрај булеварите “Видое Смилевски – Бато”, АСНОМ, “Србија”, “Јане Сандански”, “Трета македонска бригада”, како и на улицата „Васко Карангелевски“. Околу 60-тина садници се засадија и во околината на улиците „Коста Новаковиќ“ и „Вангел Тодоровски“ – информираат од општина Аеродром.
Исто така и во дворот на основното училиште „Александар Македонски“ беа насадени 50 садници, кои ќе придонесат во подобрување на животната околина на овој дел од општината. Садниците се од видот дуглазија и црн бор, а се донација од ЈП „Македонски шуми“, која беше доделена на барање на самото училиште.