ЗАСАДЕНИ 2.000 ДРВЦА: Заврши пролетната акција за зазеленување на Скопје

Екипи на Град Скопје денеска засадија 42 висококвалитетни листопадни садници од видот јавор во дрворедот на булеварот 8.Септември, како и 20 садници од видот бреза во средишната жардиниера на булеварот.

Со тоа заврши пролетната акција за зазеленување на Скопје. На денешната прес-конференција присуствуваа градоначалникот Шилегов, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча.

-Денеска завршува пролетната акција за зазеленување на Скопје. Оваа пролет го збогативме градот со нови 2.000 висококвалитетни листопадни садници. Садевме во сите градски општини со цел во рамките на проектот „Дрво за секое дете“ граѓаните да можат да си одберат локација за нивното дрво. Наесен, планираме засадување на 8.000 нови висококвалитетни садници, со што оваа година ќе ја заокружиме бројката од 10.000 нови дрвја во Скопје – рече денеска градоначалникот Шилегов, на акцијата за садење на булеварот 8.Септември.

Тој додаде дека зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје, а оваа пролет беше искористена да се обнови загубеното зеленило.

-Се обврзавме пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше на територијата на општина Карпош, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило. Во таа насока, борејќи се за секој сантиметар слободен простор, излегуваме од рамката на садење дрвја на јавните површини и садиме 40 листопадни садници во дворот на Центарот за рехабилитација во Капиштец, за да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе зелени површини – нагласи Шилегов.