Засадени 150 садници во близина на воениот стадион во Градскиот парк

Сто и педесет садници беа засадени во близина на воениот стадион во Градскиот парк, во денешната акција за зазеленување на кејот на реката Вардар. Во акцијата за засадување учествуваа припадници на Армијата на Република Северна Македонија, градоначалникот Петре Шилегов, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска и заменикот-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

- Градот Скопје во изминатата година и половина засади над 18.000 садници на јавните зелени површини. На почетокот на годинава, имајќи ги предвид насоките што министрите ги добија од Владата, заедно со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска решивме заедно со армијата и со Министерството за одбрана да засадиме дрворед токму на оваа локација. Овие дрвја ќе бидат именувани во чест на војниците што учествуваа во оваа акција за засадување, што ќе го искоординираме во рамки на акцијата „Дрво за секое дете“. Сакам да се заблагодарам на припадниците на армијата и на министерството за денешната акција – рече Шилегов.

Обновата на зеленилото е приоритет за Градот Скопје, а во текот на изминатата година во Скопје се подигнати и обновени рекордни 129.000 квадратни метри зеленило.

- Наесен, само преку ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје ќе се засадат повеќе од 5.000 садници. Веќе е почната и постапката за ревитализација и пошумување на Водно, онаму каде што поминува трасата на гасоводот. Градот Скопје нема друга алтернатива освен да се грижи за здрава животна средина – нагласи Шилегов.

Со денешното засадување дрвја Министерството и Армијата се вклучуваат во акцијата за борба против загадувањето на воздухот и покажуваат висока свест за заштита на најважниот ресурс на граѓаните – животната средина. Акцијата продолжува на 2 мај во Тетово каде што ќе бидат засадени 80 садници, како и на 8 мај во Кичево каде што ќе бидат засадени 85 дрвја. Вкупно ќе бидат засадени 315 садници.