
Познатата македонска пејачка и композиторка Евгенија Здравевска, позната како Зарина Првасевда, на својот фејсбук профил сподели сведоштво за ситуација во скопската позната слаткарница и пекара „Шехерезад“.
Како што вели, посведочила на нешто што ѝ го скршило срцето и гласно порача „Никогаш не биди човекот од „Шехерезад““.
- Од својата тринаесетта година, па сѐ до 24-5 години, работев активно разни достоинствени работи, од фабрики до продавници, но главно, како келнер и шанкер. Сум била на таа страна од пултот безброј пати, сподели познатата музичарка.
Ова е ситуацијата за која емотивно сподели Евгенија:
- Седев во „Шехерезад“ на автобуска во Скопје , каде што работеше една прељубезна млада девојка која ме послужи. Одеднаш влезе еден возрасен човек кој зборуваше на албански и речиси ништо не успеав да разберам, сѐ до моментот кога го повиши тонот, а на девојчето ѝ се укочи погледот.
Станав и тргнав кон него, но не успеав да го стигнам бидејќи веќе го напушти локалот, а девојчето остана зад пултот во солзи.
Ја прегрнав и ја прашав што се случило. Ми објасни дека човекот претходно дошол да јаде, но кај себе имал само евра, а не денари, па си заминал без да плати. Таа, сосема оправдано, му направила забелешка. Подоцна се вратил да плати, но наместо извинување, ѝ приреди петнаесет минути навреди.
- Начинот на кој некој се однесува со услужниот персонал кажува многу повеќе за него отколку што мисли. Тоа си е дијагноза, пријатели. Јасна како бел ден структура на личност. Нема потреба за било какви дополнителни иследувања. Дополнително, тоа е најбрзиот тест за човечност што постои, пишува Парасевда откако ја сподели ситуацијата.
На крајот порача:
Како и да е, насмевнете ѝ се на продавачката во продавница. Оставете бакшиш на девојката што ве послужила во кафуле. Прашајте ја како е. Кренете ѝ ја кофата на хигиеничарката во зградата и поздравете ја.
Тоа се луѓето што ни го олеснуваат секојдневието. Луѓе што со часови стојат на нозе за да ги прехранат своите семејства, да платат кирија, да издржуваат болни родители или деца, или едноставно достоинствено да заработат за живот.