Зарем има потреба од прослави за полуматура: Свечен фустан, скап костим, професионална шминка, вештачки трепки и нокти, плус еден куп гости

Таков народ сме ти ние Македонците. Секоја прилика си ја гледаме за славење. Ако порано се славело само за свадба или банкет, денеска се слави за се и сешто. Веридба, свадба, раѓање на дете, кршевка, вработување, дипломска, матурска, полуматура, полнолетство, трнување во училиште...

-Бев на работа. Ми ѕвони телефонот. Гледам непознат број. Се јавив. Мојата прва братучедка. Се изненадив. Кога бевме деца бевме блиски. Денеска се гледаме од свадба на свадба. –Дојдете со сопругот и со децата кај нас дома во сабота, славиме полуматурска на нашата Јована... Бев зачудена. Фала на поканата и реков. Нели, кога некој те поканува, глупаво е да не отидеш. А плата нема... Доцни веќе два месеца. Се снајдовме, ставивме 1000 денари во плик и отидовме. Маси полни со јадење. Што би кажале постарите, уште млеко од пиле недостасува. Гости, и блиски и далечни. Еуфорија. Полуматурантката во долг црвен фустан. Фризура и професионална шминка. Ги пречекува гостите пред вратата и се слика со сите. Мислиш се слави не знаеш какво достигнување во животот, а не само завршување на деветто одделение, кои е задолжително. Сакал, не сакал, мораш да завршиш. Седнавме во собата, полна од крај до крај. Подароци колку сакаш. Бабите и дедовците пресреќни за “достигнувањето ” на внуката. “Ајде па да ја мажиме”, е секоја втора реченица и честитка. Седевме некое време и таман решивме да си појдеме, ете ти трубачи на врата. Славење, пиење, играње, пеење, за големото достигнување на девојчето во животот, раскажува скопјанката Лидија, раскажувајќи ја својата случка.

Славењето на овие вакви “достигнувања ” во животот за некои родители е банално и само залудно трошење на финансии. Но, сепак има и такви кои тоа ги прави среќни и не гледаат толку лошо затоа што се дружиш со семејството и пријателите. И детето осознава дека почнува нешто ново во неговиот живот.